Стружани означија старт на новата суперлигашка приказна

Тимот на Струга ги стартуваше подготовките за новата сезона во суперлигашкото друштво со првиот тренинг на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“.

Во отсуство на тренерот Наум Танески, кој е со кадетската репрезентација на Македонија на СП во Хрватска, тренинзите ги води Сашо Србиноски.

Покрај играчите од првиот тим, на тренинзите ќе бидат присутни и дел од ракометарите од младинските школи на клубот, кои со успех настапуваат во своите конкуренции.

Кон првиот тим се приклучуваат средниот бек Филип Мечкароски, кој беше МВП на кадетскиот Ф4, потоа левиот бек Јосиф Гушкароски, левото крило Филип Велјаноски, пивотот Филип Симоноски и десниот бек Бобан Мечкароски.

Стружани ќе ги имаат првите натпревари на традиционалниот Струшки турнир од 16 до 19 август, a потоа ќе бидат дел и од меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп од 25 до 28 август.