Стружани на гости во Куманово: Ова е последна шанса да фатиме приклучок кон ’четворката’

Викендов на програмата се натпреварите од 8. коло од Супер лигата во машка конкуренција. Екипата на Струга, која во досегашниот тек од сезоната оствари две победи, утре на гостински терен во Куманово против истоимената екипа ќе се обиде да дојде до трет триумф сезонава и да остане во игра за пласман во плеј-оф фазата.

Составот на Куманово покажа дека не е за потценување и сигурно нема да излезе со бело знаме против Струга. Првиот меѓусебен дуел меѓу Струга и Куманово, кој беше одигран на стартот на новата натпреварувачка сезона, заврши со минимална победа на Струга од 21:20.

Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски смета дека неговиот тим е фаворит на хартија, но составот на Куманово во никој случај не треба да се потцени. Според Ферукоски, најголемата опасност за Струга на утрешниот дуел ќе биде српскиот интернационалец Вучко Мрвовиќ.

„Викендов не очекува тежок натпревар на гостувањето кај Куманово, екипа која што покажа дека не е за потценување. Иако остварија една победа, сепак, на неколку натпревари пружија максимален отпор против силни екипи, односно се покажаа како тврд ривал. Ние ќе настапиме комплетни и ќе дадеме сѐ од себе за да ја оправдаме фаворитската улога, нема да биде многу лесно, домаќините ќе имаат поддршка од публиката и можеме да очекуваме интересен дуел. Опасност може да очекуваме од сите позиции, но најголемата закана кон нашиот гол доаѓа од бекот Мрвовиќ, кој во првиот дуел против нас даде 9 погодоци. Мотивот за победа ќе биде уште поголем, бидејќи знаеме дека имаме квалитет за добар пласман, односно плеј-оф”, изјави Ферукоски.

Стружани, моментално се позиционирани на 5. позиција во групата А со седум бода на свое конто, додека четвртопласираниот Охрид има 12 бода и дуелот против Куманово за Струга ќе претставува последна шанса за фаќање приклучок за 4. позиција на табелата.

„На некој начин натпреварот против Куманово ќе претставува последна шанса за да фатиме приклучок кон „четворката”. Одигравме одлично на некои натпревари, на некои загубивме да наши грешки, но сезоната е долга и секој може да изненади секого. Затоа, и последната екипа на табелата не треба да се потцени, тоа го покажа Вардар Неготино на гостувањето кај Охрид и Куманово кај нас. Оваа година Супер лигата е за едно ниво поквалитетна од ланската сезона. Имаме шанси за пласман во плеј-оф фазата и за остварување на таа цел до крајот на регуларниот дел од натпреварувачката сезона треба да бидеме максимално подготвени за секој натпревар”, додаде Ферукоски.

Градот покрај Охридското езеро дава голем придонес во развојот на македонскиот ракомет со постојаното појавување на нови таленти. Ферукоски е задоволен од играта на младите ракометари истакнувајќи дека во вториот дел од сезоната ќе бидат подобри.

„Задоволен сум од играта на младите играчи кои ги имаме во тимот. Исто така, задоволен сум од нивниот пристап на работа, залагањето на тренинг, како и во натпреварите од Супер лигата. Иако не им е дадено доволно минутажа, бидејќи натпреварите беа такви, некои од нив ги одигравме во егал, па поради тоа моравме да се потпреме на поискусните. Очекувам во пролетниот дел од сезоната нивната работа да вроди со плод”, заврши Ферукоски.

Натпреварот меѓу Куманово и Струга ќе се одигра в сабота со почеток од 19:00 часот во спортската сала при СОУ „Перо Наков“ во Куманово.