СТРУГА 2020: Прилепчани реални – без резултатски очекувања, ќе ги видиме на дело новите ракометари

Денеска на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ ќе започне новото издание на Струшкиот турнир.

Првиот натпревар ќе го одиграат домаќинот, тимот на Струга и новакот во суперлигашкото друштво, Прилеп.

Тренерот на прилепчани, Горан Кузманоски, вели дека нема резултатски очекувања од турнирот, туку целта е да се воиграат новите ракометари и да се видат можностите на младите играчи.

„Немаме преголеми очекувања, Прилеп одамна нема играно на турнирот, а дел од играчите ќе играат првпат на ваков турнир. Имаме многу нови ракометари, нова екипа сме, краток период тренираме заедно и резултатот нема да ни биде приоритет. Ние почнуваме од нула, па ќе ги искористиме натпреварите за да ги видиме можностите на сите ракометари, до каде се и што можат. Имаме уште двајца ракометари од Грузија, кои наскоро треба да бидат промовирани, а во меѓувреме договоривме пријателски натпревари по завршувањето на турнирот со Охрид, Еурофарм Пелистер 2, Пролет“, вели Кузманоски за 24Ракомет.

Натпреварот меѓу Струга и Прилеп започнува денеска од 17:15 часот, а во групата се уште екипите на Еурофарм Пелистер и Металург.