СТРУГА 2020: Осум екипи, пет шампиони и турнир тежок 30 титули

Утре на отвореното игралиште во Струга „Горан Попоски Бабец“ стартува 48. издание на Струшкиот турнир на кое ќе има исклучиво екипи од домашна сцена. За разлика од претходните години овој пат ова ќе биде турнир на суперлигашки состави кои ќе имаат можност за подготовка за новиот шампионат.

Од осумте учесници пет состави веќе победувале на турнирот. Рекордер според бројот на трофеи е Вардар, кој досега 12 пати си има заминувано со пехарот од Струга. Последен пат го направи тоа во 2007 година кога го совлада Динамо Букурешт.

Еурофарм Пелистер има еден трофеј помалку, а последен пат триумфираше во 2011 година кога беше подобар од екипата на Борец.

Металург е третиот тим кој е на оваа листа со три трофеи, а тоа беше хет-трик од 2012 до 2014 година.

Со оглед на тоа што четвртиот тим кој има победувано во Струга е Т. К. Бренд, а се работи за тим од Прилеп, кој беше претходник на денешниот клуб формиран во 2010 година може да се смета дека и овој состав има трофеи на струшкиот турнир. Меѓу победниците е и домаќинот кој славеше во 1990 година на турнирот кој беше тешко да се организира кога дојде до распаѓање на поранешната држава.

Оттаму четири екипи ќе имаат  можност да се надигруваат со состави кои веќе победувале во Струга, а сите заедно имаат 30 трофеи на досегашните 47 одржани турнири. Единствен клуб кој го нема од домашната сцена, а успеал да победи во Струга е В. В. Тиквеш. Овој клуб згасна, а го наследи ГРК Тиквеш, екипа која во новата сезона ќе игра во Супер машката лига.

ВКУПНО ПОБЕДИ НА СТРУШКИОТ ТУРНИР

12 – Вардар

11 – Еурофарм Пелистер

4 – Борац (Бања Лука)

3 – Металург, Т. К. Бренд, Металопластика

2 – Железничар, Шартр

1 – Струга, В. В. Тиквеш, Аски Анкара, Приштина, Сесон Рен, Целје, Аек