СТРУГА 2020: Еурофарм Пелистер со нова победа го потврди финалето

Тимот на Еурофарм Пелистер се избори и за трета победа на струшкиот турнир денеска совладувајќи го составот на Струга со 28:16 со што го потврди местото во финалето против Вардар во текот на утрешниот ден.

Победникот на дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Струга очекувано беше решен уште во првото полувреме кога тимот од Битола постојано ја зголемуваше предноста.  Домаќинот ризикуваше со тоа што играше со седум ракометари во поле остнаувјаќи без голман, па тоа оставаше многу простор. После неколку грешки Еурофарм Пелистер казнуваше, па на тој начин успеваше да направи преднсот.

При 9:7 во 18. минута се случија десетте минути во кои стружани влегоа во серија грешки, а тоа остави убава можност за противникот, кој со 6:0 стигна до 15:7. Веќе беше јасно дека на одмор разликата ќе биде поголема и дека нема да има проблеми за мирно продолжение на дуелот. Водството беше 16:9 и овие седу плус носеа мирен втор дел.

Тимот на Струга отвори добро во второто полувреме, но потоа одново дојде до мала криза и противникот стигна до двоцифрена разлика. Немаше потреба од премногу форсирање, па главно со мирна игра се чуваше високата позитива која редовно беше 9-10 гола.

Ваквата игра беше до крајот на средбата, а во последните минути тимот на Еурофарм Пелистер стигна и до разлика од 12 гола за конечни 28:16. Ова значеше финале против Вардар утревечер од 21:15 часот.