СТРУГА 2020: Вардарци уште еднаш лесно, можат да се подготвуваат за финалето

И на третиот натпревар од третиот ден на 48. издание од Струшкиот турнир победата му припадна на тимот кој и пред почетокот важеше за голем фаворит. Вардар го совлада Еурофарм Пелистер 2 со 33:19 и само продолжува на патот кон финалето на ова натпреварување.

Средбата почна со резултат 7:0 достигнат за 11 минути игра. Противникот од Битола првиот гол го постигна минута подоцна, а потоа набрзина имаше уште два гола за 8:3 на средина од првото полувреме.

Следуваа нови седум минути во кои вториот тим од Битола немаше погодок, а тоа донесе 12:3 за тимот на Вардар во 22. минута, за потоа во пет минути со 4:1 составот на Еурофарм Пелистер да намали на 7:13. До крајот на полувремето Вардар имаше уште три гола, додека противникот еден за на одмор да има двојно поголема предност и да води со 16:8.

Второто полувреме не донесе ништо ново. И понатаму Вардар беше во предност и постојано го диктираше темпото така што во ниту еден момент немаше закана по резултатот. Имаше можност само да се одработи на подобрување на гол формата. Во таквата игра Вардар можеше само да го контролира водството.

На младите ракометари од Еурофарм Пелистер беше да покажат колку можат и да дадат отпор, но јасно беше дека Вардар ќе забележи висока победа со која само дојде до израз разликата во квалитет.

Утре и двете екипи имаат натпревари. Еурофарм Пелистер 2 ќе игра против составот на Охрид, додека Вардар за ривал го има составот на Бутел Скопје.