СТРУГА 2020: Бутел е спој на младост и искуство – ќе го искористи турнирот за враќање во натпреварувачки ритам

Утре во Струга на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ покрај Охридското Езеро, ќе стартува 48. издание на традиционалниот Струшки турнир.

Оваа година поради ситуацијата со коронавирусот, организаторот одлучи на турнирот да играат само македонски екипи, па ќе гледаме „суперлига во пет дена“.

Еден од учесниците е Бутел Скопје, суперлигаш што напредува од година во година, а вторпат по ред ќе биде дел од турнирот. Тренерот Кристијан Грчевски нема преголеми очекувања и вели дека ќе биде искористена шансата за враќање во натпреварувачки ритам по долгата пауза.

„Турнирот во Струга за нас ќе биде добра шанса да се вратиме во натпреваручки ритам, а на сите натпревари ќе можам да ги видам можностите на младите играчи. Мислам дека фаворитите ќе ја оправдаат својата улога, иако не е исклучено да видиме некое изненадување, бидејќи во многу наврати сме биле сведоци на таков нешто“, вели Грчевски.

Бутелци ќе бидат сместени во Струга и нема да патуваат на натпреварите секојдневно.

„Благодарание на спонзорот, цело време додека трае турнирот ќе бидеме сместени во Струга. И покрај големите финансиски проблеми на многу европски клубови, ние остануваме клуб со солиден буџет и ќе продолжиме да бидеме најмалку на исто ниво како досега. Секако дека ги следиме мерките на надлежните институции и ќе се однесуваме според протоколот кој ни е испратен од страна на организаторот на Струшкиот турнир“, продолжува Грчевски во изјавата за 24Ракомет.

Македонскиот претставник во Лигата на Европа летово го напуштија Богдан Николиќ, Мартин Димов, Марко Трајковски, Давор Шокоски, а дојдоа петмина кадетски репрезентативци.

„Ростерот е скоро пополнет, но секогаш има место за некој играч доколку имаме потреба. Сега сме спој од искуство и млади талентирани играчи, а пред нас е времето во кое се надеваме дека сето тоа ќе го склопиме во убав мозаик“, заврши Грчевски.

Бутел Скопје се најде во групата А, заедно со Охрид, актуелниот европски првак Вардар и Еурофарм Пелистер 2, а на првиот ден ќе се сретне со големиот ривал Охрид од 19:15 часот.