СТРУГА 2020: Алушовски – Не одиме во Струга само за проверка, одиме да победиме

Составот на Вардар 1961 после неколку години е одново на Струшкиот турнир, а утревечер против Охрид ќе го има првиот натпревар.

Тренерот Стевче Алушовски знае што го очекува и знае со каков противник ќе се соочи така што ова ќе биде турнир на кој сигурно ќе има што да се покаже. Вардар е прв кандидат за трофејот, но ќе мора тоа да го оправда и на терен.

„Не дека одиме само да се проверуваме. Нормално е дека одиме да победиме на турнирот. Бројките се само бројки. Вардар 1961 не учествувал одамна на турнирот. Сега сме повторно тука да играме и да се надигруваме“, вели Алушовски.

Тој знае како е да се игра во Струга, а знае и дека подлогата е поинаква од оние на кои обично се игра во салите. Сепак, повеќето од ракометарите ќе треба тоа да го почувствуваат.

„Сите поминале низ различни категории во клубовите од каде доаѓале, па и различни турнири и места. Условите во Струга се исти за сите екипи. Подлогата е поразлична, потврда од оваа во Скопје. Ќе треба да се навикнеме. Имаме доста нови играчи што треба да се воиграат. Не сме на посакуваното ниво. Работиме да направиме да стигнеме до онаму каде сакаме да бидеме“.

Што се однесува до првиот натпревар против Охрид нема многу непознати.

„Екипата на Охрид ја знам од лани. Се работи за квалитетен тим што не е за потценување. Еурофарм Пелистер 2 е млад тим со неколку искусни играчи кои имаа настапувано за посериозни екипи. Бутел е тим што е во врвот на домашното првенство. Овој момент е добро да играме вакви натпревари. Ние сме фаворити, но никого не потценуваме. Ова ќе биде вистинска проверка на се што сме работеле“, вели Алушовски.

Првиот натпревар за Вардар е утревечер од 21:15 часот, а во тој термин ќе ги игра и средбите в петок и в сабота. На почеток од турнирот ќе игра против составот на Охрид.