СП кадетки: Црногорките ќе играат во Президент Куп, Унгарија со максимален учинок

Денес на Светското првенство за кадетки во Македонија се одиграа сите 16 натпревари во рамки од 3. коло од групната фаза. Како што е веќе познато, репрезентацијата на Македонија со трите победи, против Сенегал, Узбекистан и Иран, обезбеди пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации на кадетскиот Мундијал.

Во главната рунда се пласираа и репрезентациите на Исланд и Шведска од групата А. Против овие две репрезентации, нашата селекција ќе се бори за влез во четвртфинале. Од групата Б, во која настапуваше Македонија, пласман обезбеди и селекцијата на Иран, откако оствари две победи, против Сенегал и Узбекистан.

Репрезентациите на Данска и Португалија ја освоија првата, односно втората позиција во групата Ц. Двете репрезентации во главната рунда ќе вкрстат со репрезентациите на Египет и Хрватска од групата Д.

Холандија и Романија како најдобри репрезентации од групата Е во главната рунда ќе вкрстат со репрезентациите на Јужна Кореја и Германија, кои завршија на првото и второто место во групата Ф.

Од групата Г, Норвешка и Бразил обезбедија пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации и во главната рунда ќе играат против Унгарија и Франција од групата Х.

Во Президент Купот ќе настапуваат репрезентациите на Црна Гора, Алжир, Сенегал, Узбекистан, Фарски Острови, Австрија, Казахстан, Индија, Словенија, Гвинеја, Швајцарија, Словачка, Чешка, Уругвај, Шпанија и  Аргентина.