Екипите на Спартак и Скопје во рамки од 3. коло од Женската лига одиграа без победник, 27:27, во неизвесен натпревар до самиот крај. Спартак во последната минута имаше неколку шанси за победа, кои не ги искористи, па по двата воведни порази, успеа само да го запише првиот бод во новата натпреварувачка сезона.

Во првиот дел двете екипи беа во резултатска бркотница, но избраничките на Радуловиќ со подобрата игра и ангажираност од 20 минута, па сѐ до првото полувреме беа подобриот противник на терен.

Ракометарките на Скопје иако на полувреме заминаа со предност од 15:12, сепак, во вториот дел Спартак израмни на 16:16 и во последниот период од натпреварот успеа да го сврти резултатот во своја корист.

По нерешените 21:21, составот предводен од Велимир Мицевски поведе со 22:21 и до 55-та минута беше во водство. Спартак при крајот водеше со 27:24, но Скопје со погодоците на Попова, Георгиевска и Алексовска израмни на 27:27. Во последните две минути ниту една од двете екипи не ја искористи дадената прилика за победа, а домаќинките имаа и напад за освојување на трите бода.

Најефикасни во составот на Спартак беа Елена Крстевска со десет и Зорица Андоновска со шест погодоци. Во Скопје се истакнаа Попова Јасмина со девет и Јана Алексовска со шест гола.