Скопје со победа против Јуниор КВ се оддалечи од опасната зона

Екипата на Скопје во натпревар од 11. коло од суперлигашкиот плеј-аут освои важни бодови на гостувањето во Кисела Вода против Јуниор КВ откако обезбеди триумф од 27:26.

Сега Скопје се оддалечи од опасната зона за испаѓање и дојде до 18 бодови на свое конто, додека тимот на Јуниор КВ со 14 бодови моментално се наоѓа на претпоследното место во плеј-аут групата.

Ракометарите на Горан Кузманоски водеа од почетокот и резултатски се одлепија по првата половина од првото полувреме. Откако домаќините намалија на 6:7, гостите влегоа во посакуваниот ритам, направија серија од 4:0 и во 20-та минута имаа плус пет, 11:6. Екипата на Јуниор КВ беше во подредена улога, на моменти даваше отпор, но тоа не беше доволно за било каков позитивен резултат во првите 30 минути.

Тимот на Скопје успеа во последните десет минути од првиот дел да ја задржи стекнатата предност од пет гола разлика, разигран беше Јакимовски, па така гостите немаа поголеми проблеми. Првото полувреме заврши со предност од 14:10 во корист за тимот на Кузманоски.

Јуниор КВ во продолжението успеа да се доближи откако намали на еден гол негатива. Во 40-та минута предноста на Скопје беше 16:15, а минута подоцна два гола разлика, 17:15. Ракометарите на Јуниор КВ имаа неколку шанси да дојдат до израмнување, но во клучните моменти никако не можеа да реализираат.

Иако Скопје зголеми на 18:15, сепак, домаќините не се предаваа и во 45-та минута повторно дојдоа на минус еден, 19:18. Неизвесноста продолжи до крајот на дуелот, двете екипи играа гол за гол и тимот на Скопје не можеше да се одлепи на повисока разлика. Домаќините во клучните моменти не беа доволно фокусирани, не го издржаа брзиот ритам со ривалот и на речиси четири минути пред крајот предноста на Скопје беше 26:23, а во последните минути Јуниор КВ само го ублажи поразот.

Во екипата на Скопје се истакнаа Марио Мишевски, Леонид Киселовски и Дамјан Јакимовски. Мишевски имаше шест реализации, Киселовски и Јакимовски запишаа по пет погодоци. Кај Јуниор КВ прв стрелец беше Филип Николов, постигна шест погодоци во мрежата на гостите.