Скопје се бореше храбро, но бодовите ги освои Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на гостувањето кај Скопје потешко од очекуваното дојдоа до победа, откако во натпревар од 8 коло од групата Б триумфираа со 25:20. Македонскиот вицепрвак до победата дојде со подобрата игра во финишот од дуелот, додека ракометарите на Горан Кузманоски покажаа дека можат да бидат незгоден ривал, но и дека имаат квалитет за повисок пласман во својата група.

Избраниците на Ларс Валтер одиграа одлично во првото полувреме и не му дозволија на домаќинот да има голем напредок во играта. Битолчани имаа фуриозен старт и водство од 6:1 по десет минути игра. Сепак, високата предност од воведниот дел не беше никаква гаранција за сигурна победа на „фармацевтите“, бидејќи во вториот дел домашната екипа рамо до рамо се носеше против поискусните ракометари од Битола.

Еурофарм Пелистер имаше целосна контрола во првото полувреме, иако на моменти не играше на најдобро ниво, но резултатската предност од четири до пет гола разлика ја чуваше до крајот на првиот дел. Скопје се обидуваше да фати приклучок, заигра поангажирано во последните минути од првото полувреме и на пауза замина со четири гола негатива, 12:8.

Битолчани во второто полувреме одиграа бледо, грешеа многу во нападите и во финишот од натпреварот го скршија отпорот на домашниот тим. Откако Еурофарм Пелистер водеше со 14:11, вистинска ерупција од воодушевување кај публиката во спортската сала ,,Форца” настана во 35 минута кога домаќините израмнија на 14:14. Резултатот уште во три наврати беше нерешен ( 15:15, 16:16 и 17:17).

По нерешените 17:17, гостите со три гола во низа се одлепија на 20:17 во 47 минута. Скопје не се откажуваше, постојано се закануваше кон голот на противникот, но немаше доволно сили за да направи евентуален пресврт, односно сензација. Тимот на Валтер на искуство го доби дуелот и се израдува на седмата победа во новата натпреварувачка сезона.

Во победничката екипа најефикасен беше новиот ракометар од Данска, Себастијан Хененберг со осум погодоци. Кај Скопје се истакнаа Игор Трајковски со шест и Дамјан Јакимовски со четири погодоци.