СЕДМЕРЕЦ: За прв пат, по втор пат

Еурофарм Пелистер на седмерци за прв пат избори учество, Вардар на седмерци за прв пат, две сезони по ред ќе го нема во завршницата на СЕХА лигата

1.Пенал за Ф4, два пенали без Ф4

Еурофарм Пелистер испишува нова историја, Вардар влезе во серија. Тоа е сумирано епилогот од минатонеделниот пенал-рулет во двете четвртфиналиња со македонските претставници во скратеното издание на СЕХА лигата.

Битолскиот тим за прв пат во историјата ќе игра во завршницата на СЕХА. Вардар, кој се уште го има приматот на најтрофеен тим со пет титули во досегашните десет изданија на регионалната лига, за прв пат, по втор пат по ред, ќе го нема на Ф4 во СЕХА. Лани за „црвено-црните“ пресудна беше ковид-драмата со Загреб, годинава пресуди пенал-рулетот со Нексе.

Во натпреварот со многу пресврти, Вардар успеа да се врати, но не и да го одбрани голот во финишот. На крај во решавачката серија остана за два нереализирани пенали без Ф4.

Позитивниот впечаток од настапот на „црвено-црните“ го носи ефикасното издание на репрезентативниот тандем Филип Талески и Дејан Манасков кои беа носители на играта и заедно постигнаа, безмалку, две третини од головите на Вардар или попрецизно 19 од 30.

Негативно е лошото издание на голманите на овој меч, со само шест одбрани наспроти шеснаесетте на другата страна, осцилациите во играта и хроничниот проблем на вардарци со ротацијата. Негативен впечаток носи и поразот на крај, годинава за Вардар вкупно трет по ред од Нексе. А, секако негативна е и елиминацијата пред Ф4 во регионалната лига, еден од ретките меѓународни настапи во/пред сезоната во која Вардар за прв пат во последните 10 години нема да игра во ЛШ, а за прв пат по 21 година ќе го нема воопшто на европска сцена, од административната суспензија во 2001 до административната во 2022 година!

И колку и да се тешат дел од навивачите дека Ф4 во СЕХА „и не е нешто многу битно“, факт е дека на Вардар во ваква ситуација без европски настапи, ќе му беше добредојдена и таа регионална завршница во СЕХА.

На шампионот сега му треба брза рекуперација за сезоната во која се оди на една карта – одбрана на домашната шампионска титула. Оти, секој евентуален кикс во домашното првенство, за „црвено-црните“ ќе значи километар подалеку од целта, посебно сега кога од Битола доаѓа и тоа како сериозна закана.

2.Битола испишува нова историја

Еурофарм Пелистер победнички се загреа во Струга, а неколку дена потоа со пенал повеќе го елиминира Мешков Брест за историски прв настап на Ф4 во СЕХА. Иако во мечот имаа и предност, но и бројни пропуштени шанси да го решат дуелот во регуларните 60 минути, битолчани на крај заслужија да се радуваат на пенал-победата за полуфинале, запечатена со погодокот на Пешевски и со маестралната одбрана на Лесјак, двете најкапитални засилувања за битолскиот тим за новата сезона како што се потврди на два пати летово.

Во Битола со оваа победа веќе се испишува нова ракометна историја во сезоната со неколку предзнаци „за прв пат“.

Еурофарм Пелистер за прв пат во историјата ќе игра во завршницата на СЕХА лигата и Битола за прв пат сезонава ќе има два претставници во европските купови, со вториот тим во квалификациската рунда и со првиот директно во групната фаза од Европската лига.

Младите ракометари од Еурофарм Пелистер 2 со две добро познати ракометни имиња во Јовиќ и Зарков на клупата, сезонава први го скршија мразот на европската сцена во првото квалификациско коло од Европската лига. Во европското деби одиграа ветувачки храбро и од Австрија се враќаат со активни три гола негатива и со надеж дека тие ќе бидат достижни на реваншот во Битола за неколку дена, за уште една нова цртичка во новата битолска ракометна историја.

3.Тренер-селектор или само селектор?

Нови ракометни страници сезонава испишува и најмладиот македонски суперлигаш РК Алкалоид со Кире Лазаров во нова тренерска улога. Практичната промоција на Лазаров на клупата на Алкалоид беше на отвореното игралиште во Струга, официјалната неколку дена потоа во Скопје.

Иако РК Алкалоид за прв пат ќе игра во Супер лигата, а Кире Лазаров за прв пат ќе води клуб во својата кариера, името на најуспешниот македонски ракометар во историјата и актуелен македонски селектор, само по себе му дава дополнителна вредност на проектот, а клубот уште пред стартот на дебитантската сезона го сврстува меѓу конкурентите за пласман во „горниот дом“. Колку и да е тоа добар или лош притисок, мотивирачки или демотивирачки за тимот, очекувањата, горе-долу, се такви.

Официјалната промоција на селекторот Лазаров како тренер на РК Алкалоид, одново отвори и една стара дилемa.  Дали селекторот на сите македонски ракометни селекции е подобро да биде тренер- селектор или само селектор со професионален ангажман, нешто што не така одамна беше прокламирано како „идеално решение“ за „доброто на македонскиот ракомет“.

Тоа во изјавите од пред три години одеше нешто од прилика вака: „моја желба е да имаме професионален селектор целосно посветен на репрезентацијата…“ „…ќе инсистираме селекторот да биде професионалец кој ќе работи само во федерацијата, на тој начин ќе имаме поголем фокус на работата со репрезентацијата…“. И, тогаш беше така.

Сега пак, клупскиот тренерскиот ангажман на селекторот Лазаров паралелно со селекторскиот, потврдува дека овој став на ракометното раководство, во меѓувреме драстично се сменил. Дали е тоа поради искуството со првиот селектор-професионалец или е поради новите околности, официјално не се знае.

Не се знае ни дали кај нас официјалната стратегија за националните селекции е цврста долгорочна определба или пак е флексибилна категорија што се менува од селектор-до-селектор, според околностите и амбициите.

И, сега за што сме дефинитивно, за селектор-селектор или за тренер-селектор?