Савевски: Ако нема напредок, ќе преземам одговорност!

Женската репрезентација на Македонија загуби од Украина со 24-22 во првиот меч од баражот за Светското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Селекторот Љубомир Савевски во анализата по натпреварот се осврна на реализацијата и на слабата одбрана и поддршка од голманите.

„Што да кажам, оваа година и пол кога ги игравме тие мечеви против Црна Гора, Словенија…првите полувремиња ни беа катастрофални. Дали домашниот терен создава голем притисок, дали сме импресионирани од публика, навистина треба да се види. На гости играме подобро. Многу лошо, многу лошо, слабо во одбрана и напад, менувавме еден играч, па друг играч, слаба поддршка од голманите, мислам дека одбранија вкупно четири удари за цел меч. Во дадена ситуација не можеше да се види дека сме работеле добро. За разлика од вториот дел кога одигравме подобро, кога се виде дека некои млади играчи може многу да дадат. Нас ни беше голем џокер Арсениевска и за одбрана и за напад, на неа темелевме одбрана 5-1, Ива Младеновска имаше температура, а да не беше така ќе играа. Се надевам дека на реваншот во Унгарија каде што ќе играме ќе бидеме подобри и ќе пружиме добра партија. Разликата во квалитет не е голема. Овој пат Украинките покажаа брза игра, но и тие не се како другите европски екипи и прават грешки. Во оваа ситуација со овие играчи мислам дека една мотивирана екипа, една екипа која ќе почне добро, и да се поправиме, дали можеме да надоместиме и одиме да изненадиме во вториот меч. Немаме друго што, во оваа ситуација се е загубено. Се надевавме вечерва дека ќе победиме од четири до пет гола разлика. Никогаш не коментирам судии, можеби се добри, но мислам дека во многу ситуации судеа онака како што нас не ни одговара. Дали сум тенденциозен не знам, кажете вие. Не сакам да се правдам, јас ја сносам одговорноста, немавме поддршка од левите бекови, имавме големи промашувања од најдобрите, но и тие се трудеа, сите правеа што можат“, коментираше Савевски.

Тој потенцираше дека овие ракометарки се најдоброто од Македонија.

„Ни останува само да поправиме она што може да го поправи. Викав и порано дека правиме репрезентација, но за треба повеќе време. Но, колку е тоа време ќе видиме. Треба да созреат младите ракометарки, веќе не се ни млади, тие се јуниорки. Немаме друг избор, немаме многу играчи да донесеме, да играат на ова темпо како што игра Украина. Ова се најдобрите играчи што ги имаме“, вели Савевски.

Македонија промаши многу зицери, особено во првиот дел. Селекторот смета дека не може да се влијае на реализацијата на ракометарките на кратките собири пред натпреварите.

„Што може да се влијае? Заборавате како беше на ЕП. Имавме промашени 53 удари од шест метри за три меча. Ние сме тука три-четири дена и не можеме да работиме на прецизноста и на реализацијата на играчите. Проблем е тоа што многу од нив не играат во своите клубови и во македонската лига. Не се тоа играчи кои играат 60 минути, па да ја носат екипата, да победа. Ние правиме спој, една селекција на младост и искуство, се надевам на чекор напред“, продолжи селекторот.

Тој вели дека ќе понесе одговорност ако нема чекор напред.

„Мене договорот ми е до септември, ако не успеам да направам селекција, чекор напред, секако дека ќе преземам комплетна одговорност за тоа што се случува сега. Сите имавме големи очекувања, имавме добро расположение и атмосфера, очекувавме да одиграме многу подобро, ги гледавме мечевите на Украина на кои играа добро, но не брзо. Но, ме изненадија во првиот дел кога играа брзо. Како да одлучија веднаш да направат многу голема предност. Имавме и многу исклучувања. Слабата реализација секогаш ни е проблем. Така беше и со Франција, игравме добро, но имавме четири промашувања и потоа направија разлика. Нема враќање“, заврши Савевски.

Реваншот меѓу Македонија и Украина се игра во Кишварда на 11 април од 17:00 часот.

Македонија се врати од мртвите, но на крај загуби од Украина