РФМ ќе менува правило: Нови ограничувања за странските ракометари..

Нема повеќе ранг листи, нема повластени држави и репрезентации. Ќе важи „едноставното“ правило 3+3

Од сегашните максимално осум странски ракометари што може да настапуваат во клубовите во Македонија, следната сезона бројката ќе се намали на шест (6). Но, ќе се смени и правилото што донесе најмногу забуни и негодување кај клубовите, рангирање на земјите од каде доаѓаат ракометарите. Тоа треба да им олесни на клубови во разбирање на правилото и ангажирање на интернационалци.

РФМ планира на некој од следните УО да го усвои новото правило за бројот на странски ракометари. За истото е веќе разговарано и им било најавено на членовите на УО, но ниту еден клуб досега не е информиран за намерата за промена на правилото. Тоа ќе треба да помине и на Конференција на клубовите. Сега би требало да нема негодување, па и жалби на настап на одредени ракометари.

Во иднина секој клуб што ќе сака да ангажира странски ракометари, може да ги пријави за натпревар и тоа: најмногу тројца (3) без ограничување, во однос на земјата од каде доаѓа, и плус уште тројца (3) кои за настап ќе мораат да имаат најмалку 15 репрезентативни настапи. Според новите правила што треба да важат од следната сезона нема веќе да има ограничувања во однос на тоа од која репрезентација доаѓаат, туку единствено да имаат настапи за сениорската репрезентација.

Сега на сила е правило кое носи многу конфузија, и се однесува на ангажирање на тројца ракометари, слободно без ограничување, плус уште пет кои доаѓаат од земји што во Топ-15 листата на ЕХФ и имаат најмалку 10 настапи за репрезентацијата. Недостасуваше објаснување според која ранг листа треба да се водат екипите, и пред почетокот на сезоната РФМ не ги објави листите на лиценцирани ракометари по кои може да се водат клубовите ниту пак податоците за странците кои имаат право да играат во која квота.

Тоа носеше многу забуни, и никој од клубовите не знаеше дали некој од ривалските екипи пријавува играчи што немаат право на настап. Ограничувањата на странски ракометари се однесува само на националниот систем на натпревари, а нема ограничување за настапите во меѓународните натпревари.