Рогановиќ се обидел да го „поткупи“ својот син – место за Шведска, да брани за Црна Гора

Селекторот на машката репрезентација на Црна Гора, Зоран Рогановиќ во интервју за „Aftonbladet.se“ изјави дека се обидел да го предомисли својот син, Марко Рогановиќ, кој има државјанство на Шведска и настапи за шведската младинска репрезентација, да го облече националниот дрес на Црна Гора.

Факт е дека на Црна Гора и недостасуваат добри голмани, па од таа причина, Зоран Рогановиќ се обидел да го „поткупи“ својот талентиран син кој покажува одлични партии меѓу стативите во шведското првенство. Освен со својот син, селекторот на Црна Гора разговарал и со ракометарот на Бјерингбро Силкеборг, Вилијам Богојевиќ, кој има црногорско потекло.

„Правам се за Црна Гора да има добар тим. На голманската позиција го имаме само Небојша Симиќ од Мелсунген. Се обидов да го убедам мојот син Марко да го промени државјанството. И разговорот беше сериозен. Разговарав и со левиот бек Вилијам Богојевиќ, кој има црногорски корени, но тој го одби мојот предлог“, изјави Рогановиќ.

Црногорскиот стратег и неговиот син заедно се дел од шведскиот клуб, Гуиф. Зоран ја има функцијата главен тренер во екипата, додека неговиот син голманската позиција. Црна Гора ја очекува тешка битка на Европското првенство 2022 година кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка.

Избраниците на Зоран Рогановиќ за противници во првата фаза на европскиот мундијал ги имаат репрезентациите на Македонија, Словенија и Данска.