Ристовски: Искуството си го направи своето против Еурофарм Пелистер

Голманот на Вардар, Борко Ристовски имаше добра средба во првото полувреме кога одбрани неколку тешки удари. Учествуваше во уште еден трофеј со тимот на Вардар, а после средбата во која Вардар победи со 26:24 го даде своето видување за она што беше одиграно.

„Во поголемиот дел од средбата имавме контрола на резулатот. Имавме стабилно водство, а Еурофарм Пелистер не стигна бидејќи исто како и на првиот натпревар игравме со истите играчи и со мала ротација. Посебно во вториот дел од второто полувреме немавме сила и концентрација и правевме грешки кои обично не ги правиме. Еурофарм Пелистер можеше да се врати во натпреварот и да израмни, но Вардар е далеку поискусна екипа. Искуството си го направи своето и го доби овој натпревар. Сосема заслужена победа. Освен десетина минути во второто полувреме сè беше во знакот на Вардар“, изјави Ристовски.

Вардар против тимот на Еурофарм Пелистер ќе игра и в четврток во Битола кога следува нова средба од Супер машката лига која може да биде и решавачка за титулата.

„Ние одиме чекор по чекор. Ова беше еден натпревар кој имавме зацртано да го добиеме. Сега треба добро да се одмориме и в четврток да го добиеме натпреварот на гостувањето во Битола. Доколку се одмориме добро и одиграме како треба во Битола мислам дека уште таму ќе ја затвориме приканата околу шампионот на Македонија“, коментираше Ристовски после победата во финалето од Купот на Македонија.

Ова беше пехар број 14 за Вардар во Купот на Македонија така што само го поправи рекордот кој и досега го држеше.