Ристовски: Имам уште една година договор со Вардар, потоа…

Голманот на Вардар, Борко Ристовски после враќањето меѓу „црвено-црните“ успеа да дојде до нова двојна круна со своите колеги. Во тешка сезона во која имаше многу пауза и неизвсност, на крајот вардарци успеаја да се изборат за првото место иако до последното коло имаше резултатска тензија околу тоа кој тим ќе успее да заврши на врвот.

Составот на Вардар дојде до првото место откако имаше подобар меѓусебен дуел со Еурофарм Пелистер, а двете екипи финишираа со по 39 поени.

„Завршивме успешно со оглед каква беше сезоната. Клубот беше пред згаснување. Она што му се случи на фудбалскиот можеше да му се случи и на ракометниот. Кога сè ќе се сумира ова е реален дострел бидејќи тимот е тој што можеше да се направи од играчите кои беа слободни на пазарот. Ја освоивме шампионската титула, а на овој натпревар против Металург се виде дека сме посериозни во пристапот. До крајот на сезоната ни останаа уште два натпреари, да ја завршиме со две победи и да почнеме да размислуваме веќе за следната“, рече Ристовски после добивањето на победничкиот трофеј и златните медали.

За следната сезона смета дека ќе биде тешко да се очекува брзо да се дојде до добра игра и Вардар да се најде во трка за трофеите со оглед на тоа што е потребно време за да може да формира играта која е потребна за да се влезе во битка за пехарите.

„Има неколку нови имиња во Вардар за следната сезона и ќе треба да се види како ќе се вклопи тимот. Ќе зависи од многу работи како ќе течат нештата. Не е лесно да се направи добра екипа  бидејќи Вардар и понатаму го бие лоша репутација поради долговите кои останаа и треба многу убедување за да дојде квалитетен играч. Не сакам да споменувам имиња, но од оние кои дојдоа сите се јавуваат пред да потпишат за да прашаат каква е ситуацијата. Се надевам дека за следната година ќе останеме сите драви. Ова е нов Вардар, можевме да имаме уште некоја победа во Лигата на шампионите, но короната и целата ситуација кога ќе се земе сè предвид ова е една успешна сезона“.

Тој сигурно останува и во следната сезона на голот на „црвено-црните“ бидејќи е играч на Вардар до летото во 2022 година.

„Имам уште една година од договорот, а за понатаму ќе видиме“, рече Ристовски.

Ова значи дека Вардар веќе има двајца сигурни голмани за новата сезона бидејќи покрај Ристовски во клубот ќе биде и Мартин Томовски.