Ристовски: Да останеме смирени и да уживаме во победата, ни претстои долга сезона

Голманот на Вардар, Борко Ристовски беше одличен на голот на Вардар и бранеше многу тешки удари, а меѓу нив и три пенали во второто полувреме. Тој беше еден од клучните играчи кои беа меѓу главните кога беше најпотребно за да се дојде до триумф.

Вардарци завршија одлична работа, а тој на прес-конференцијата изјави дека важно е дека тимот победува, дека неговите одбрани се во втор план.

„Одбраните не ми се важни, туку важна ми е победата. На претходните средби Мартин беше неверојатен, но тој е млад голман и ќе има вакви натпревари. Можеби некогаш под притисок нема да се снајде, па затоа сме тука јас, Али и Гогов да помогнеме. Ова беше тешка средба. Од трибините можеби не изгледаше така, но Алборг е тим кој е одлично подготвен тактички и технички. Потајно се надевавме дека можеме да го направиме ова и за нас ова е одличен старт на сезоната. Ни претстои долга сезона и многу натпревари. Не треба да се залетуваме. Да уживаме, да одиме чекор по чекор и да се подготвуваме за она што ни преостанува“, коментираше Ристовски.

Следниот натпревар ќе биде на 13 октомври против Монпелје, а и на овој дуел тимот на Вардар ќе игра на домашен терен.