Ривера го водеше Нант до триумф против ПИК Сегед

Екипата на Нант по воведниот пораз од Келце во Лигата на шампионите, денес во рамки од второто коло од групата Б во најквалитетното европско натпреварување оствари сигурен триумф против ПИК Сегед со 35:30 (17:15)

Во првиот дел од натпреварот, односно до 25 минута, и двете екипи беа во резултатска бркотница и ниту една од нив не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола. Избраниците на Хуан Карлос беа подобриот противник на теренот во воведниот дел и по шест-седум минути игра стигнаа до два гола предност, 5:3.

Домаќините со два гола во низа го израмнија резултатот на 5:5 и потоа следуваше период, во кој двете екипи играа гол за гол. По нерешениот резултат од 6:6, ракометарите на ПИК Сегед повторно ја вратија предноста од два гола, поведоа со 8:6, но во последните десет минути од првиот дел целосно дозволија да бидат надиграни од домашниот состав.

Голманот на Нант, Иван Пешиќ на моменти блескаше меѓу стативите и со неговите соиграчи при крајот на првото полувреме дојдоа до водство од 13:11, имаа и три гола разлика, 16:13, и неколку ситуации за плус четири, но ПИК Сегед успеа да фати приклучок и да остане во игра за освојување на бодовите. По 30 минути игра резултатот беше 17:15 за францускиот тим.

Нант за неколку минути игра во вториот дел зголеми на 19:16. Овие три гола разлика беа сосема доволни за психолошка предност на домаќинот против гостинот од Унгарија. Валеро Ривера со својот седми гол на својот тим му донесе водство од 21:17 и до крајот на натпреварот домаќините лесно доаѓаа до погодоци, со што остварија убедлив триумф и се израдуваа на првата победа во Лигата на шампионте. ПИК Сегед немаше доволно сили за камбек и мораше да го прифати поразот.

Одлична партија во победничката екипа имаше искусниот Валеро Ривера, кој постигна десет погодоци од исто толку обиди. Во екипата на ПИК Сегед најрасположен за игра беше репрезентативецот на Србија, Богдан Радивојевиќ со девет гола.