Пуховски: Ова не се последните години од мојата кариера!

Репрезентативецот на Белорусија, Борис Пуховски во новата сезона ќе настапува за српскиот шампион Војводина. Средниот бек на белоруската репрезентација беше претставен како големо засилување во амбициозниот тим на Нови Сад, кој полека го комплетира тимот, откако неколку искусни ракометари, меѓу кои и екс вардарецот Грегор Оцвирк, заминаа од српскиот шампион.

Пуховски во екипата на Војводина пристигна од белорускиот суперлигаш СКА Минск, клуб во кој ги мина последните месеци од изминатата сезона, бидејќи мораше да го напушти украинскиот шампион Мотор Запорожје поради конфликтот во Украина.

Искусниот ракометар во интервју за белорускиот портал „Bet News“ изјави дека планира сѐ уште да биде присутен на ракометните терени, иако со 35 години се наоѓа на залезот на кариерата.

„За новата сезона имаше неколку понуди од арапски клубови, Грција и Израел. Да бидам искрен, очекував да останам дома, во мојата татковина. Имав некои разговори со СКА Минск, но, судбината повторно одлучи сѐ уште да играм во странство. Веројатно, ова не се последните години од мојата кариера, кога ќе се вратам дома, најверојатно ќе ја завршам играчката кариера”, изјави Пуховски.

35-годишниот ракометар седум сезони настапуваме за Мотор Запорожје, а го носеше дресот и на Динамо Минск и унгарски Чурго. Пуховски за репрезентацијата на Белорусија има одиграно 203 меѓународни натпревари и има постигнато над 800 погодоци во репрезентативниот дрес.