Пролет го совлада Голден Арт и ја најави кандидатурата за плеј-оф

Пролет ја забележа петтата победа во Суперлигата откако на домашен терен во рамките на 8.коло го совлада составот на Голден Арт со 27-21 (13-11). Составот на Пролет уште од самиот почеток создаде предност и контрола над играта и резултатот, разлика која беше доволна да го приведе овој натпревар кон посакуваниот крај.

Ракометарите на Голден Арт на атрактивен начин резултатски го отворија овој натпревар. Но тоаа беше последното водство за гостите на овој дуел. Како поминуваше времето така Пролет ја градеше предноста, во воведните пет минути имаа само гол предност, но до 10. минута дојдоа до „плус три“, разлика која преовладуваше во текот на преостанатите минути од првиот дел. Првиот дел заврши со резултат 13-11 во корист на домаќините.

Во вториот дел Голден Арт продолжи со проблемите во организација на нападот, на спротивната страна домаќинот ја користеше својата шанса па затоа до 42.минута предноста се зголеми на високи „плус осум“ 21-13 а во последните десет минути Пролет влезе со предност од девет голови, 25-16. Кога веќе беа познати сите работи на теренот освен конечниот резултат, Голден Арт успеа да намали дел од високата негатива, но Пролет не дозволи противникот да се надева на нешто повеќе од пристоен пораз па на крајот дуелот заврши со резултат 27-21.

Најпрецизен во домашниот состав беше Ласко Андоновски со 7 голови, а го следеа Пецаковски и Јагуриновски со по 5. Кај Голден Арт Даев постигна 5 погодоци, а Гајиќ и Шилегов беа прецизни 4 пати.

Со оваа победа Пролет се приближи кон плеј-оф фазата во македонската Суперлига, сега со 17 бодови, два помалку од лидерот во група Б Еурофарм Пелистер. До крајот на регуларниот дел треба да се одиграат уште 6 кола. Голден Арт на петтата позција во групата Б со 4 бодови но и натрпевар повеќе од последното место кое носи во плеј-оф фазата. Својата шанса за намалување на разликата ќе ја бара во наредното коло.