Прилеп херојски се бореше, па и водеше – Бутел на крајот лесно до бодовите

На третопласираниот тим во ланската сезона Бутел му треба 40-тина минути за да го скрши отпорот на прилепчани, по што скопската екипа полесно дојде до триумф од 32-25 (14-15). Иако во долниот дел од табелата во група А, Прилеп скапо ја „продаде кожата“ и особено беше незгоден во првиот дел од натпреварот кога во добар дел имаше и водство.

Бутел со новите бодови привремено е втор со 15 бодови, но и со меч повеќе во однос на Алкалоид. Прилеп останува на досегашните 4 освоени бодови и на 6. место.

Домашните по серијата 5-1 во средината на второто полувреме направија водство од 24-19 по што веќе беше полесно да се игра. Во последните десет минути од средбата Бутел веќе имаше предност од 26-21, и немаше време за Прилеп да направи пресврт.

Само што почна второто полувреме Прилеп веднаш зголеми на 16-14 што беше нивно највисоко водство на мечот. Но, Бутел како да се разбуди од „сонот“ па со пресврт дојде до водство 18-16. Гостите последен пат имаа резултатски приклучок на 19-18 за Бутел. Потоа следуваа „црните минути“ во кои Бутел ги искористи своите шанси и направи предност која му донесе мирна завршница и бодови.

А првото полувреме не навестуваше дека ќе биде толкава разлика на крајот. Бутел поведе со 2-1 по што гостите ја презедоа иницијтивата и до крајот на првот дел имаа позитива, водеа или пак лесно израмнуваа. Во последната минута реализираа за водство од 15-14. Тоа беше најава за интересен втор дел, каде Бутел мораше да фрли „на се“ што секако му се исплатеше.

Филип Николов со девет гола (од што шест во првиот дел) беше најефикасен на средбата, а неговиот соиграч Мирко Мајиќ постигна осум гола (сите во второто полувреме).
Во тимот на Прилеп Пеце Ѓорѓиевски даде седум а Давор Шокоски шест гола.

Во следното коло Бутел гостува кај Алкалоид, а Прилеп е домаќин на Куманово