Прилеп лесно преку Аеродром до четвртфиналето во Купот

Екипата на Прилеп на свој терен славеше убедлива победа против прволигашот Аеродром со резултат 31:23 и обезбеди пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија.

Гостинските ракометари од Скопје одлично го отворија натпреварот и добро им парираа на поискусните ракометари од Прилеп во почетните минути. Се водеше борба за секоја топка до 10. минута, а најчесто избраниците на Горан Кузманоски преку Рустамов го одржуваа водството од еден до два разлика.

Со добра одбрана и казнување на секоја грешка на гостите, прилепчани во 17. минута го имаа највисокото водство од 9:5. Лошата игра на ракометарите на Аеродром продолжи и во преостанатиот дел од натпреварот. Прилеп преку контра напади го зголеми водството и обезбеди предност од 16:10 на полувреме.

Во вториот дел продолжи доминацијата на ракометарите на Прилеп. Водството од пет разлика беше зголемено на плус седум во првите минути од вториот дел. До крајот рутински и со шанса за секој ракометар од клупата домашните ја зголемуваа разликата од минута во минута.

Прилеп беше предводен од младиот Хари Павлов со осум погодоци. Во составот на Аеродром најефикасни со по пет погодоци беа Димитар Михајлов и Андреј Петрески.