Преспа за 10 минути го збриша Борец

Ракометарите на Преспа пред својата публика дојдоа до третата победа во новата натпреварувачка сезона, откако на свој терен лесно се справија со ,,фенерџијата” Борец од Велес, триумфирајќи со 41:18 (21:8), во натпревар од 10. коло од Првата лига.

Преспа уште во воведниот дел му даде до знаење на гостинот дека го очекува тежок предизвик. Домаќините кон средината на првото полувреме имаа предност од 8:0 и до крајот на натпреварот од минута во минута го зголемуваа водството. Велешани првиот гол го постигнаа преку Ристов во 15 минута и во останатиот дел поради кратката клупа немаа ниту сили, ниту квалитет повеќе за да му парираат на разиграниот домашен тим.

Високата разлика помеѓу двете екипи беше јасен знак дека вториот дел ќе биде повеќе од формалност. Ракометарите на Борец покрај слабиот процент на реализација од нападите имаа и слаба поддршка од голманската позиција, па така домаќините лесно стигнуваа до погодоци.

Избраниците на Ангелковски ниту во еден момент не се опуштија и не дозволија напредок во играта на гостите, ги казнуваа грешките на противникот и лесно стигнаа до убедлива победа.

Најефикасни во победничката екипа беа Бојан Поповски со 11 и Бојан Џуклевски со девет погодоци. Во поразениот табор единствена светла точка беше Бојан Белевски со осум реализации.