Пред шест години во Хернинг преку Австрија обезбедивме втор круг на ЕП

На Европското првенство во Данска во 2014 година репрезентацијата на Македонија успеа да дојде до вториот круг, а тогаш до пласманот се дојде исто така преку репрезентацијата на Австрија.

Македонија забележа победа од 22:21 во тежок натпревар на кој на полувреме резултатот беше 12:10.

Во редовите на Македонија од денешниот состав беа само неколку ракометари. Лазаров (8 гола), Стоилов (4), Манасков (2), Георгиевски (2), Маркоски и Ристовски.

Овие шест играчи ќе треба и денеска заедно со своите колеги да понесат голем товар за да се дојде до посакуаниот резултат. Од тимот на Австрија исто така има шест играчи од тој тим со оглед на тоа што сега е сменета генерацијата, а тука се Божовиќ, Вебер, Бауер, Пош, Вос и Сантос.

И на тоа првенство во Групата беше Чешка која заврши како последна. Австријците во првото коло ја совладаа Чешка, а потоа загубија од Данска. Македонија имаше пораз на стартот од Данска, па ремизираше со Чешка. Сепак, победата против Австрија беше клучот за втората фаза.

Македонија може исто така и денеска преку Австрија да се најде во вториот круг, но за разлика од тоа првенство сега може да пренесе и два бода, а и Австријците да се најдат во втората фаза.