„Прво ја прашав жена ми дали смеам да ја прифатам понудата, не сакав после да ме чека со заклучена врата“

Новиот селектор на Словенија, Љубомир Врањеш, во текот на вчерашниот ден го имаше првиот тренинг со неговите ракометари, а потоа беше дел и од прес конференција на која одговараше на прашања од медиумите повеќе од половина час.

Швеѓанецот со балкански корени откри дека одлуката да ја прифати понудата од Словенија била лесна откако неговата сопруга се согласила на тоа.

„Секако дека ја прашав жена ми најпрво, не сакав да ме пречека со заклучена врата ако прифатев без нејзина дозвола. Кога од дома добив зелено светло, одлуката беше формалност. За секој тренер би било чест да води репрезентација со толку квалитетни играчи. Имам добро чувство дека може да направиме добар резултат на ЕП“, изјави Врањеш.

Словенија ќе игра во групата Ф во Гетеборг, заедно со домаќинот Шведска, Швајцарија и Полска.