Потег за почит: Франција го финансира гостувањето на Украина во квалификацииите за ЕП

Француската ракометна федерација се одлучи на еден убав гест и ќе го финансира гостувањето на женската репрезентација на Украина во рамките на квалификациите за ЕП 2022 што ќе се игра во Македонија, Словенија и Црна Гора.

Франција ќе се соочи со Украина на 23 април и тоа ќе биде еден од првите натпревари на репрезентацијата по избувнувањето на војната.

„Ни кажаа дека сите пари одат за војната и дека немаат авионски билети за да дојдат на натпреварот. Ние им обезбедивме билети, како и сместување за натпреварот. Основата на спортот е да зближува и да помага“, изјави Филип Бана, претседателот на Ракометната федерација на Франција.

Половина од украинските ракометарки играат во странство и можеа да продолжат нормално со активностите, но другиот дел игра за украинскиот клуб Галичанка Лвов. Украинките се уште се надеваат дека и покрај ситуацијата ќе успеат да се пласираат на нивното прво Европско првенство од 2014 година, Франција своето учество веќе го обезбеди.