Поранешен соиграч на Лазаров стана тренер на Бенфика

Некогашниот член на Веспрем, Атлетико Мадрид и Сиудад Реал, како и екс соиграч на македонскиот капитен Кире Лазаров – Чема Родригез, ќе биде нов тренер на Бенфика од наредната сезона.

Шпанскиот интернационалец беше активен на ракометните терени во дресот на францускиот Саран оваа сезона, а веќе ги направи и првите чекори во тренерската кариера. Тој му е помошник на унгарскиот селектор Иштван Гулјаш, а од лето ќе го има и првиот самостоен ангажман.

Бенфика има солиден ростер и се надева дека ќе може да им парира на Порто и Спортинг Лисабон во битката за титулата. Челниците на клубот лани ги ангажираа Петар Ѓорѓиќ, Рене Тофт Хансен, Оливие Њокас…

На лето доѓаат и Србинот Лазар Кукиќ, средниот бек Ловро Јотиќ, десното крило Оле Рамел, пикерот Матиц Сухолежник и левото крило Мамаду Кеита.