Поради навреди од навивачи, Нови Пазар отстапи од Супер лигата на Србија

Супер машката лига на Србија од денеска е со еден тим помалку откако раководството на Нови Пазар донесе одлука за отстапување од натпреварувањето поради навреди на национална и верска основа.

На дуелот против Црвена Звезда фановите на „црвено-белите“ имаа истакнато транспарент. Поради истиот во Нови Пазар имаа реакција.

Тие во соопштението информираа дека се повлекуваат поради навреди на национална и верска основа. Воедно во информацијата стои дека на сите ракометари ќе им биде исплатено сè што им стои во договорите, но и дека истите ќе бидат раскинати и ќе им биде дозволено слободно да заминат во друг тим.

Вчера за целата ситуација имаше реакција и од Ракометниот сојуз на Србија. Во соопштението стоеше дека РСС најостро го осудува секој вид на провокација, дискриминација и навредување на национална, верска и расна основа. Најавено е и преземање на соодветни мерки, но очигледно ова не беше доволно за раководството на Нови Пазар и беше донесена одлука за отстапување од најсилната лига.