Полна сала, победа, пласман на СП…за збогум на македонските легенди Лазаров и Миркуловски!

Репрезентацијата на Македонија денес дома против Чешка во реваншот ќе бара билет за Светското првенство во Полска и Шведска откако во Злин одигравме реми 24:24. Овој натпревар за нас ќе биде и посебен затоа што последниот натпревар во репрезентативниот дрес го играат Филип Миркуловски и Кирил Лазаров.

Двете големи имиња во македонскиот ракомет ставаат крај успешниот пат во репрезентацијата како играчи.

„Тоа ќе биде мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со среќен крај, да победиме и да се пласираме на СП“, го потврди Миркуловски своето повлекување пред овој реванш.

Сепак пред простувањето Лазаров го става значењето на натпреварот и пласманот на Македонија на Светското првенство.

„Малце е чудно од оваа позиција на селектор да се зборува за тие последни натпревари, не сакаме да дадеме важност на мене или Филип Миркуловски, најважна е Македонија. Ќе направиме се за да се пласираме, а ќе има време и да се простуваме и да направиме нешто“, гласеше изјавата на собирот на Лазаров пред овој двомеч.

Последниот натпревар на Лазаров и Миркуловски во репрезентативниот дрес ќе биде испратен со голема поддршка од трибините затоа што билетите за вечерашниот натпревар кој се игра од 19:00 часот се распродадени.