Познати официјалните лица за натпреварите на Ѓорче Петров, Чаир и Куманово во Европа

Македонија во новата сезона ќе биде претставувана од три екипи во Европскиот Куп, третото по ранг европско клупско натпреварување.

Европската ракометна федерација ги објави официјалните лица за дуелите на Ѓорче Петров, Чаир и Куманово.

Куманово два пати ќе игра на гостински терен кај швајцарскиот тим Херцогенбуше. Првиот меч е на 23 септември од 16:00 часот, додека во истиот термин на 24 септември ќе се одигра и реваншот.

Двете средби во салата „Мителхолц“ ќе ги судат шпанските арбитри Алварез Менендез и Сориа Фабиан, додека делегат ќе биде Грима од Малта.

Домашните средби на Чаир против холандскиот Венло и Ѓорче Петров против црногорскиот Тиват, ќе се одиграат во салата „Автокоманда“ на 23 септември од 14:00 часот, односно на 24 септември од 18:00 часот.

Овие две средби ќе ги суди иста двојка – Бошњак и Мариќ од Босна и Херцеговина, а делегат ќе биде Беќири од Косово.

Чаир гостува во Венло на реванш на 30 септември од 19:00 часот во салата „Егербос“, а таму ќе судат Португалците Маиа и Њуњес, додека делегат е Симонели од Луксембург.

Ѓорче Петров ќе игра против Тиват на гостински терен на 1 октомври, а мечот што почнува од 19:00 часот, во спортскиот центар „Жупа“ ќе го судат Хрватите Циндриќ и Гонжурек, додека делегат е Генчев од Бугарија.