Пешевски и Штутгарт храбро до реми против Фуксе Берлин

Во рамките од 12. коло во Бундес лигата, екипите на Штутгарт и Фуксе Берлин одиграа интересен и неизвесен натпревар до самиот крај, а крајниот епилог од 32:32, јасно покажува за квалитетниот дуел.

Екипата на Штутгарт речиси во текот на целиот натпревар беше во водство, имаше плус четири на полувреме, 16:12, и самата предност беше постојано одржувана, сѐ до 55. минута, кога гостинските ракометари од Берлин израмнија на 29:29.

Во последните пет минути, Фуксе Берлин беше екипата која имаше минимално водство од еден разлика и предност од 32:31 на дваесетина секунди пред финишот. Домаќините во својот последен напад успеаја да израмнат и да освојат голем бод против силниот состав на Фуксе Берлин.

Одлична партија на натпреварот одигра репрезентативецот на Македонија, Жарко Пешевски. Македонецот постигна четири погодоци во дресот на Штутгарт. Виго Кристијансон и Адам Лен со по седум гола беа најефикасни во домашната екипа. Кај Фуксе Берлин единствено расположен беше искусниот Ханс Линдберг со 11 погодоци.

Штутгарт моментално има биланс од две победи, осум порази и едно реми. Во следното коло, ракометарите на Штутгарт го играат дерби натпреварот против Ерланген на гостински терен.