Еурофарм Пелистер поразен во Атина

Последните два освојувачи на трофејот на Струшкиот турнир денеска се пресметаа на третиот ден на турнирот во Атина, а домаќинот АЕК успеа да дојде до победа од 31:29 со што го зачува трофејот во своите витрини. Еурофарм Пелистер имаше подобра игра на почетокот, но потоа попушти и му дозволи на противникот не само да го контролира натпреварот туку и постојано да биде во предност.

Средбата почна добро за битолчани. Направија предност од два гола и десетина минути ја одржуваа. Сепак, не одеше најдобро во нападот каде што со грешки се дозволуваше тимот на АЕК да остане во трка за пресврт и да дојде до подобар резултат.

На средина од полувремето тимот на АЕК дојде до 7:7 и се влезе во израмнет период. Се играше практично гол за гол така што ниту еден тим немаше предност поголема од гол.

Така беше до 12:12 кога Еурофарм Пелистер влезе во криза. Неколку лоши минути придонесоа во завршницата на првото полувреме домашните да дојдат до 5:0 и на одмор да заминат со 17:12. Во нападот во овој период не одеше најдобро. Имаше грешки и лесно загубени топки, а после нив лесни голови за тимот од Битола.

Тоа беше период во кој Еурофарм Пелистер играше и без голман поради исклучувања, па преку контри најчесто се казнуваше и тоа донесе висока негатива на крајот од првото полувреме.

Вториот дел брзо донесе зголемување на водството. Лошата игра во нападот која често завршуваше со лошо проигрување донесе шанса за АЕК да дојде и до плус осум гола. Водството постојано се зголемуваше, а тоа најавуваше средба во која тимот од Битола тешко ќе може да се врати.

Кога дојде до 29:21 во корист на составот од Грција работите станаа веќе јасни околу тоа кој победува, па на Еурофарм Пелистер остана само да ја намали негативата. Во тоа успеа во финишот, но дојде до минус од два гола (29:31) што, сепак, не беше доволно за да може да се обезбеди нов триумф. Ова воедно беше и запирање на победничката серија, но и натпревар од кој ќе има што да се нанализира ида се заклучи.