Пасквал: Македонија е поквалитетна, но нашата шанса е единството во тимот

Пред репрезентацијата на Македонија е баражот со Романија за Светското првенство, првиот натпревар го играме на домашен терен, а Романците истакнуваат дека за нив најважно ќе биде токму во Скопје да извлечат позитивен резултат.

Селекторот Чави Пасквал ја истакна Македонија како поквалитена селекција од неговата Романија, но шансата ја гледа во единството на тимот.

„Од септември работиме многу добро и најголем дел од тимот знае што треба да прави. Македонија е поквалитетна селекција од нас, учествуваа на последните завршни турнири и имаат искуство. Моите момци се самоуверени и со желба за големи резултати. Атмосферата е добра единствениот проблем е што имаме повредени играчи и мораме да направиме некои промени, но имаме и добри решенија. Од моите играчи барам добар резултат во Македонија каде што очекувам неверојатна атмосфера. За натпреварот во Букурешт барам полна сала, но најважно е на гостински терен да се избориме за добар резултат“, изјави Пасквал.

Првиот натпревар помеѓу Македонија и Романија се игра в четврток во Скопје од 19:00 часот. Реваншот е само два дена подоцна во Букурешт, а подобриот од овој двомеч оди на дуел со Чешка (13/14 април и 16/17април).