Парондо бил во комбинација за Веспрем, ама Унгарците не можеле да чекаат

Екипата на Веспрем имаше неуспешна сезона на домашна и меѓународна сцена, а раководството на клубот направи радикални промени по лошите резултати. Како најголем неуспех на Веспрем е загубата на домашната титула од ПИК Сегед.

Во новата сезона, Веспрем ќе биде предводен од Момир Илиќ. Поранешниот репрезентативец на Србија доби голема поддршка од спортскиот директор на Веспрем, Ласло Наѓ.

За „Немзети Спорт“, Наѓ истакна дека слабите резултати на Веспрем биле видливи уште од февруари.

„Од февруари, видов дека тимот не може да покажува добри резултати на теренот, иако играчите тренираа многу и беа добро подготвени. Веќе неколку месеци, управата на клубот внимателно бараше нов тренер. Кога се дозна дека Давид Дејвис дефинитивно го напушта Веспрем, добив многу барања од тренери кои беа директно заинтересирани да го водат клубот“, изјави Наѓ.

По долгите барања за наследник на Давид Дејвис, управата на Веспрем одлучува главен тренер на екипата да биде Момир Илиќ, додека за помошен тренер го назначуваат поранешниот ракометар на Веспрем, Петер Гулјаш.

„Ако не ризикуваме, тогаш едноставно ќе лебдиме понатаму во иста насока. И назначувањето на кој било тренер е секогаш ризик. Секако, знаеме дека Илиќ нема тренерско искуство во тим за возрасни, но ние сме на негова страна и подготвени сме да му помогнеме. Ниту Филип Јихи на Кил, ниту Роберто Парондо во Вардар го имаа ова искуство, па Парондо ја освои ЛШ. Тој беше во комбинација, но има договор со Египет кој не му дозволува да работи во клуб, а ние не можевме да чекаме да заврши Олимпијадата. Исто така во комбинација беа Гисласон и Чема Родригес. Засега целта да се дојде на „фајнл-фор“ за нас изгледа нереална. Сепак, ние сме сосема способни да се подготвиме за победа на секој натпревар“, заврши Наѓ.

Покрај промените во стручниот штаб, Веспрем направи и промени во играчкиот кадар и им се заблагодари на услугите на Даниел Шишкарев, Вуко Борозан и Николај Маркусен.