Ојлески: Во Маврово имавме одлични подготовки, ќе ни треба повеќе работа и воигрување

Со денешната тренинг сесија официјално завршија базичните подготовки на Еурофарм Пелистер во Маврово. Од понеделникот до попладнево, водени од стручниот штаб, ракометарите изработија според планот и добија два дена заслужен одмор.

Подготовките за сезоната 2022/23 продолжуваат в среда со тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Првиот контролен натпревар е в сабота, на шести август, против Еурофарм Пелистер 2.

Репрезентативецот на Македонија во редовите на Еурофарм Пелистер, левото крило Гоце Ојлески е задоволен од одработените подготовки во Маврово.

,,Маврово секоја година го посетуваме. Тука има одлични услови за работа, температурата е одлична. Ние тренираме напорно, имаме поинтензивни тренинзи со новиот тренер. Припремите течат одлично. Првиот дел беше физичка подтовеност, сега во вториот ќе се воигруваме за натпреварите кои ни следат. Добредојден е турнирот во Струга, каде ќе видиме како ќе играме. Ни следи и натпреварот со Мешков Брест, каде влогот е голем – пласман на СЕХА завршницата. Полека ќе биде сè во ред и формата ќе оди во нагорна линија. Имаме доста нови играчи, доста млади ракометари и ќе ни треба повеќе работа и повеќе воигрување”, изјави Ојлески.

Пелистерци во периодот од 16 до 10 август ќе настапат на турнирот во Струга, потоа ги очекува четвртфиналниот натпревар против Мешков Брест во рамки од СЕХА лигата, а на 28 август ќе играат за трофеј против Вардар во Суперкупот од Македонија.

Танкоски: Се надевам дека ќе имаме успешна сезона, трениравме по четири пати на ден!