Охриѓани почнуваат на 27 јули, првите две недели тренинзи на отворено

Ракометарите на Охрид имаат уште две недели за одмор, а потоа одново ќе стартуваат напорите и ќе мора да се влезе во потребниот ритам за новата сезона.

Тренерот Раде Стојановиќ планира подготовките да стартуваат на 27 јули кога ќе биде отворена новата сезона за охриѓани, а поради ситуацијата на почеток ќе мора тренинзите да се работат на отворено.

„Почетокот е закажан за 27 јули. Тоа ќе биде стартот кога ќе бидат направени потребните мерења и ќе се почне со програмата за подготовки. Ќе работиме во Охрид, а првите две недели тренинзите ќе бидат на отворено. Потоа следи турнирот во Струга, па финализирање на подготовките. Немаме договорени други контролни средби, но сигурно ќе има. Очекуваме да добиеме протокол по кој ќе треба да работиме и да се придржуваме до него, но со оглед на тоа што дел од мерките се олабавуваат сметам дека ќе добиеме дозвола за да можеме да работиме и во сала и да играме и натпревари“, вели тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ за 24 Ракомет.

Екипата на Охрид минатата сезона беше на 2. место пред прекинот и имаше обезбедено и пласман во плеј-офот. Сепак, првенството беше прекинато и немаше можност да се одработи финалниот дел од сезоната и да се дојде до посакуваното така што ќе мора истото да се повтори и во новиот шампионат.