Охрид стартуваше со подготовки – потпиша српскиот пивот Филип Грубор, се бара и голман

Тимот на Охрид со тренинг и состанок официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона во Суперлигата.

На првиот тренинг се појави и најновото засилување, српскиот пивот Филип Грубор, кој ќе биде замена за Игор Чагаљ и ќе им прави друштво на Иван Тасески и Кристијан Димитриески на линијата.

Грубор има 23 години, доаѓа од хрватската екипа Спачва Винковци, каде што ја мина последната полусезона, а претходно настапуваше за српскиот второлигаш Лавови од Бачка Паланка.

Покрај Грубор, охриѓани се засилија со десниот бек Алекса Милошевиќ, десното крило Мице Шилегов, а се уште останува отворена потрагата по нов голман.

Охрид ќе одигра пет или шест контролни средби со македонски екипи. Ако испадне прилика клубот ќе отпатува на некое гостување каде ќе се одигра двомеч со екипа од странство.