Охрид одигра победнички и го „сопна“ Бутел во борбата за Европа

Охрид во плејофот сезонава игра доста променливо, но во 7. коло одигра победнички на домашен терен и со 28-19 (14-8) го надигра Бутел, завршувајќи го првиот дел од разигрувањето за титулата. Бутел со загубените бодови во Охрид остана зад Тиквеш на табелата и неуспеаја скопјани да фатат приклучок во борбата за место што води во европските купови.

Второто полувреме од средбата во Охрид од клупата на домашните раководеше Наум Бабачев, помошник тренерот на охриѓани, бидејќи на Горан Андоновски му се слоши пред почетокот на вториот дел, и беше префрлен во болница.

Сега Охрид има две победи во седум меча, и веќе не е „фенерџија“. Има 6 бода на контото, еден повеќе од последнопласираниот Пролет, а по еден помалку од Еурофарм Пелистер 2 и од Бутел. Првите четири екипи на табелата ќе се пласираат во европските купови.

Но, до крајот на првенството остануваат уште седум кола, во кои има можности и оние екипи што сега се во аутсајдерска улога да дојдат до четвртото место на табелата. Разликата меѓу четвртопласираниот Тиквеш (моментно има меч помалку оној со Еурофарм Пелистер) и последниот Пролет се 5 бода.

Уште од самиот почеток на средбата во Охрид домаќините најавија дека бескомпромисно ќе се борат за бодовите. Само така можат да се извадат за некои од поразите кои ги доживеаја, а можеа и требаше да ги добијат. Охрид брзо поведе со 5-1, а потоа таа разлика се зголеми и на пет и на шест голови. Со 14-8 предност за „рибарите“ се замина на полувреме.

Според играта на терен беше јасно дека Охрид сака да се извади за досегашните пропусти и дека на овој меч нема да дозволат изненандување.
Во 41 минута при резултат 20-12 гостинскиот тренер Кристијан Грчевски се обиде да направи „шок терапија“ и да се врати тимот во игра. Но, немаше голема корист од тоа. Предност остана во корист на Охрид до крај на средбата, за конечни 28-19.

Кај домаќините најпрецизни беа Казеин Рустамов, Стефан Дрогришки и Гал Цицар, сите со по 5 гола. Во тимот на Бутел најпрецизен беше Мирко Мајиќ со пет гола.

Во следното коло Охрид е домаќин на Еурофарм Пелистер 2, а Бутел гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер.

На тренерот на Охрид му се слоши на полувреме – заврши во болница