Откажан најстариот турнир – летово нема да се игра ракомет во Добој

Она што беше најавено пред две седмици, деновиве е официјално. ТВ турнирот на шампионите во Добој, нема да се игра ова лето.

Најстариот ракометен турнир, кој летово требаше да го има своето 52. издание, е откажан поради коронавирусот.

„Сведоци сме што се случи на тенискиот турнир во Задар и како после него се зголеми бројот на позитивните случаи на коронавирусот. Проценивме дека би било најдобро да не се впуштаме во голем ризик и нема да го организираме турнирот оваа година. Ги известивме сите клубови и тие ја прифатија понуда да играат следната година“, велат од организацијата на турнирот за босанските медиуми.

Иако имаше идеја турнирот да се одржи во намален формат, со четири екипи што ќе играат, сепак и таа е отфрлена.

Ова лето требаше да играат францускиот Шарт, Загреб, Фади Винтертур, Татран Прешов, Војводина, Борац Бања Лука, Слога Добој и унгарскиот гигант Веспрем.