Олимпискиот првак со ново финале – Французинките ќе се борат и за светското злато

Со победа од 23:22 против Данска, репрезентацијата на Франција дојде до место во ново финале, па после олимпиското злато ќе има можност и за златен медал од Светските првенства. Денеска после големо надигрување беше обезбеден голем триумф и ново финале така што Франција е првиот финалист на Мундијалот во Шпанија.

Репрезентативките на Данска ги добија првите минути од средбата. Многу брзо дојдоа до плус три и водеа со 5:2 така што ова им отвори простор за да имаат постојана контрола на играта и на резултатот.

Добрата игра беше крунисана и со плус четири. Водеа и со 9:5 и 10:6, а потоа како да попуштија во темпото и дозволија Франција да намали. Како што се доближуваше паузата така можеше да се види дека Французинките фаќаат приклучок и имаат негатива од два гола која е лесно да се неутрализира во 30 минути игра.

На одмор резултатот беше 12:10 за Данска, а ова беше резултат на опуштањето во играта во последните минути од првото полувреме.

Второто полувреме 20 минути имаше идентичен тек како и првото. Данска беше до 50. минута во постојана предност. Разликата се движеше од два до четири гола, а потоа се случи главното. Французинките со мали промени во одбраната успеаја да стигнат до пресврт. Ги средија своите редови, ја добија Дарло на голот која бранеше речиси сè. Иако одлично и парираше и Сандра Тофт, сепак, тоа не беше доволно за да може да се дојде до задржување на предноста.

Франција имаше подобра тактика и дојде до можност да се радува на победа. На 30 секунди до крајот можеше да се случи сè. Франција имаше напад за плус два, но ракометарките се прекомбинираа. Данска доби 15-тина секунди за последен удар, но одбраната на Франција заврши добра работа, а шутот после истекот на времето заврши во блокот за голема радост на Французинките.

Фопа со четири гола беше најефикасна во редовите на Франција. По три гола имаа Ноканди, Нзе Минко, Пино, Тобланк и Зади. Во Данска пет гола имаше Хаугстед, а со четири заврши Хансен.

Финалето е в недела од 17:30 часот, а Франција ќе игра со победникот од второто полуфинале меѓу Норвешка и Шпанија кое се игра денеска од 20:30 часот.