Од Барса лути на ЕХФ: Можеби идејата сите во осминафинале е добра, но донесена во погрешен момент

Тренерот на Барселона, Чави Пасквал е незадоволен од одлуката на Европската ракометна федерација да им даде шанса на сите тимови да играат во осминафиналето од Лигата на шампионите што значи дополнителни два натпревари за тимовите кои се на првите две места од групите.

Барселона е непоразена досега и сигурно првопласирана во Групата Б од Лигата на шампионите, но јасно е дека ќе мора да се игра против осмопласираниот во Групата А.

„Дури и доколку претпоставиме дека ова е добра идеја за ЕХФ тогаш тоа беше спроведено во многу погрешен момент. Ако го сторевме ова порано тогаш можевме да го намалиме товарот на играчите веднаш после Светското првенство во Египет. Како резултат на ова сега имаме многу повреди“, вели Пасквал.

Денеска Барселона игра против Нант на Кире Лазаров, а овој дуел за Барса нема резултатско значење.

„За Нант овој натпрвар е важен, но за нас е само игра што не решава ништо. Мораме да размислувсаме за здравјето на играчите. Ова ме принуди да донесам одлука која не би ја донел, па на терен денеска ќе бидат повеќе оние кои имаат помала минутажа“, вели Пасквал.

Средбата денеска се игра од 20:45 часот, а ја судат Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.