Одлуката за последниот суперлигаш паѓа во Неготино

Екипите на Радовиш и Шампион кои се најдоа во баражот за 12. место во Супер лигата ќе ги одмерат силите в недела, а терминот за почеток на средбата е 16 часот.

Овие две екипи ќе играат на неутрален терен, а веќе е договорено ова да се случи во Неготино во салата во гимназијата Св. „Кирил и Методиј“.

Радовиш до место во баражот дојде откако финишираше на 3. позиција во плеј-аутот од Супер машката лига. Шампион, пак, синоќа загуби на дуелот против Скопје 2020 и на тој начин остана на 2. место во плеј-офот од Првата машка лига така што ќе има уште 60 минути шанса за суперлигашко место.

Со овој дуел завршува сезоната во сениорска конкуренција, а воедно и Супер лигата го добива својот дефинитивен изглед за следната сезона. Како што е познато место во Супер лигата за следната сезона веќе имаат обезбедено Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет, Металург, Бутел Скопје, Охрид, Еурофарм Пелистер 2, Струга, Прилеп, ГРК Тиквеш и Скопје 2020.