Обрван: Вардар на крилата на навивачите и нашите грешки до висока предност

Вардар триумфираше во првиот чертврфинален натпревар во СЕХА лигата против ППД Загреб со 24:20 и со добра предност ќе патува на гостувањето во Хрватска.

Тренерот на Загреб и поранешен слектор на Македонија, Ивица Обрван после натпреварот за 24 Ракомет ги сподели своите впечатоци од неговите ракометари и мечот.

„Четири гола е висока негатива, како што се одвиваше натпреварот тоа беше и највисоката разлика. Постигнавме малку голови, веројатно ќе ни треба победа од пет гола за да поминеме понатаму. Двете екипи одиграа слабо во напад, важен беше овој дуел за двата тима во средина на подготовките. Вардар на крилата на навивачите и нашите грешки во завршницата Вардар направи неочекувано висока предност од четири гола. На реваншот ќе дадеме максимум да победиме и да се пласираме на фајнал фор“, рече Обрван.

Тренерот на ППД Загреб сепак е задоволен од некои сегменти во играта на двојата екипа и нагласи на што треба да работат во следниот период.

„Задоволен сум од изданието во одбрана, особено од играта 5-1, но нападот во овој момент не функционира. Немаме шут од надвор и премногу играме еден на еден со индивидуални обиди кои не водат до технички грешки. На тоа мораме да работиме, немавме можност за посилни проверки, но се надевам со следните денови ќе ја кренеме формата и за настапите во Лигата на шампиони ќе бидеме се подобри“, продолжи Обрван.

Реваншот се игра на 31. август во Загреб со почеток во 20 часот.