Норвешка убедлива против Русија, закажа полуфинале против домаќинот на Мундијалот

Норвешка обезбеди полуфинале на Светското првенство во Шпанија откако беше убедлива против Русија и славеше со 34:28. Иако, пред самиот натпревар се очекуваше силен отпор од страна на Русија, сепак Норвешка имаше лесен пат до обезбедување место меѓу најдобрите четири репрезентации на Мундијалот.

Норвешка уште од раната фаза започна да прави сериозна разлика и таквата игра им овозможи на избраничките на Торир Хергеирсон мирен тек во текот на целиот натпревар. Русинките се обидуваа да бидат рамноправни на овој дуел, но разликата во квалитетот меѓу двете репрезентации беше видлив уште во првата половина од првиот дел кога Норвешка имаше водство од 10:6. Водството на Норвешка од три до четири гола разлика во ниту еден момент не беше загрозено, па така на пауза резултатот беше во нивна корист, 19:15.

Русија во второто полувреме имаше неколку шанси за камбек, намали на само два гола негатива, 19:21, но секој обид за целосно враќање во игра завршуваше без успех. Норвешка за само неколку минути постигнаа неколку погодоци за плус пет позитива, 25:20. Тука веќе беше скршен отпорот на ракометарките на Људмила Бодниева, кои по денешниот пораз остануваат надвор од најдобрата четворка во светот.

Норвешка во првото полуфинале силите ќе ги одмери со домаќинот односно Шпанија. Овој полуфинален натпревар е закажан за 17 декември.