Не можат да почнат без протокол: Металург ги поместува подготовките за 27 јули

Стратегот на „металурзите“ донесе одлука да го одложи почетокот на темпирањето на формата за една седмица, со оглед на тоа дека клубовите се уште немаат добиено протокол за тренинг во сала за колективните спортови.

Ракометарите на Металург подготовките за новата сезона ќе ги започнат на 27 јули, наместо на 20 јули како што беше најавено. Тренерот на „металурзите“ Зоран Кастратовиќ донесе ваква одлука, со оглед на тоа дека клубовите се уште немаат добиено протокол за тренинг во сала за колективните спортови.

Предлог-протоколот според информациите до кои дојде 24ракомет.мк од Ракометната федерација на Македонија до надлежните (Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство) е испратен пред десетина дена, а сега се чека повратен одговор.

Во една ваква ситуација Металург се одлучи да почека уште една седмица на одлуките на надлежните. Доколку до новиот термин добие насоки за работа, тогаш тимот од Автокоманда до 31 јули ќе биде во Скопје, потоа ќе замине на висински подготовки во Маврово, а од таму ќе продолжи на турнирот во Струга закажан од 12 до 16 август.

Металург во новата сезона покрај домашната Суперлига ќе се натпреварува и во новоформираната Лига на Европа, чии противници треба да ги добие на крајот на овој месец.