„Нема да бидам себична и да им земам место на оние во подобра форма“

Репрезентацијата на Црна Гора на Олимписките игри во Токио ќе патува без искусната ракометарка, Милена Раичевиќ.

Раичевиќ поради семејни причина пропушти дел од измината сезона, а селекторот Бојана Поповиќ сепак ќе им даде шанса на Олимписките игри на оние ракометарки кои имаа солидна минутажа во своите клубови.

„Не успеав да го достигнам потребното ниво на форма за ОИ. Досегашниот дел од подготовките покажа дека има ракометарки во подобра форма, па нема да бидам себична и да заземам место на ракометарки кои во моментов можат повеќе да допринесат во тимот. Разговарав и со селекторот Поповиќ, а за одлуката се запознати и моите колешки. Со цело срце ќе бидам со нив“, изјави Раичевиќ.

Таа ќе остане во Подгорица и ќе се подготвува за клупско ниво, бидејќи во новата сезона ќе настапува за амбициозната екипа на Кастамону од Турција.

Црна Гора подготовките за Олимписките игри ќе ги стартува во текот на утрешниот ден од Унгарија. Избраничките на Бојана Поповиќ ќе одиграат и неколку контролни натпревари со домашната селекција на Унгарија и репрезентацијата на Бразил.

Својот прв настап во Токио, Црна Гора ќе го има на 25 јули против репрезентацијата на Ангола во рамките од А групата. Освен Ангола, противници на Црна Гора се репрезентациите на Холандија, Норвешка, Јапонија и Јужна Кореја.