Некогаш доаѓаа во Македонија како ривали на Кометал ЃП, сега водат четири селекции на Мундијалот!

Во Скопје низ трите сали во кои се играат натпреварите од Светското кадетско првенство може да се видат многу познати ликови.

Меѓу нив се и четири некогашни ракометарки, а сега во улога на селектори на Мундијалот. Станува збор за Кристине Лунде Боргенсен, Симона Спиридон, Маја Савиќ и Беата Бохус. Сите четири своевремено гостуваа многу пати во Скопје со своите клубови како ривали на Кометал Ѓорче Петров.

Лунде беше дел од Ваг Вајперс, денешен Кристијансанд и од данскиот Алборг, а освен против Кометал ЃП, играше и против Еуростандард Ѓорче Петров кога во овој клуб играа Црвенкоска, Бајрамоска, Портјанко, Аморим…Сега е селектор на Норвешка, со која има убави шанси да се пласира во четвртфиналето на СП.

Спиридон, која е натурализирана Австријка со романско потекло најголем дел од кариерата мина во Хипо и во Ѓер и има одиграно безброј натпревари против Кометал Ѓорче Петров. Таа сега е селектор на кадетките на Австрија, а нејзин асистент е некогашната македонска младинска репрезентативка Моника Стефаноска.

Савиќ, која најголем дел од кариерата ја мина во Будуќност и во Шлагелсе, исто така беше често виден гостин во Скопје. Сега успешно гради тренерска кариера и ги води кадетките на Црна Гора, со кои за жал ќе игра во Президент Купот на Мундијалот во Македонија.

Бохус, пак, ги предводи кадетките на една од најуспешните нации кога се работи за ракометот во младинските женски категории – Унгарија. Таа беше долги години дел од Бекешчаба и некогашниот европски првак Дунафер, со кој Кометал Ѓорче Петров исто така често играше во европските купови. Унгарската селекција без пораз ја заврши групната фаза и има големи шанси да игра во завршницата на СП.