Некогашен тренер на Вардар го презема амбициозниот Ловќен

Поранешниот предводник на Вардар, Перо Милошевиќ, денес е назначен за нов тренер на амбициозниот проект на Ловќен, кој има за цел да создаде поконкурентен тим за настап во Европа, но и освојување на дуплата круна во домашниот шампионат.

Милошевиќ во својата тренерска кариера во неколку наврати го предводеше Ловќен, но најголемиот успех го имаше во златниот период на клубот од Цетиње. Ловќен со Милошевиќ на двапати беше шампион на Југославија, потоа освојувач на Купот, како и учесник во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Искусниот стратег и раководството на Ловќен се договорија на соработка со важност од две сезони. Доколку двете страни бидат задоволни од соработката, истата ќе биде продолжена. Но тоа најмногу ќе зависи какви резултати ќе оствари Ловќен во следните две сезони, во кои атакува на добри резултати.

Првиот црногорски селектор на машката репрезентација во сезона 2010/11 беше тренер на поранешниот македонски шампион Вардар. Работеше и во Катар, Романија, Шпанија, а во минатата сезона беше на клупата на босанскиот суперлигаш Слобода Тузла. На репрезентативно ниво ја предводеше Црна Гора до пласман на Европското првенство 2008.

Ловќен како прво засилување во играчкиот кадар го ангажираше екс ракометарот на Металург и Работнички, Лука Вујовиќ. Црногорскиот шампион во следниот период ќе ги претстави новите засилувања, меѓу нив се очекува да бидат неколку поранешни и сегашни репрезентативци на Црна Гора.